Предавање на Пендаровски и амбасадорката Бернс за значењето од пристапувањето во НАТО

Предавање на Пендаровски и амбасадорката Бернс за значењето од пристапувањето во НАТО

Денеска, 26 ноември 2019 година – Универзитетот Американ Колеџ Скопје организира настан за студентите на кој почесни гости ќе бидат проф. д-р Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија и Н.Е. Кејт Мари Брнз Амбасадор на САД во Северна Македонија. Почесните гости ќе се обратат на тема: Значењето од пристапот на Северна Македонија во НАТО.

Како дел од своите академски активности, како и во согласност со универзитетските принципи за застапеност на меѓународни гости и предавачи, Универзитетот Американ Колеџ Скопје континуирано организира настани и гостувања на странски предавачи, експерти, амбасадори и високи гости. Целта на овие активности е да се стимулира критичкото мислење кај студентите на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и да им се овозможат информации од релевантни и искусни извори.

Настанот ќе го отвори проф. д-р Марјан Бојаџиев, провост на Универзитет Американ Колеџ Скопје, а присутни ќе бидат најдобрите студенти од факултетите на Универзитетот Американ Колеџ Скопје – Факултетот за деловна економија и организациони науки, Факултетот за правни науки, Факултетот за политички науки, Факултетот за архитектура и дизајн, Факултетот за странски јазици, Факултетот за компјутерска техника и информатика и Катедрата за психологија.

Покрај нив, настанот ќе го следат и членови од бизнис заедницата, како и претставници од Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
Пред почетокот на настанот, во кабинетот на Директорот на Универзитетот Американ Колеџ Скопје ќе се одржи кратка средба помеѓу почесните гости и менаџментот на Универзитетот, на која ќе се дискутира за идни соработки во насока на овозможување поквалитетна услуга за студентите.

Пред да стане Претседател, проф. д-р Стево Пендаровски беше редовен професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и ова ќе биде негово прво обраќање во својство на Претседател. По обраќањето на темата од страна на почесните гости, ќе следи дискусија. Овој настан ќе биде можност секој студент да ги прошири своите знаења, да ја анализира темата во однос на своите академски интереси и амбиции, како и да даде придонес од сопствена перспектива.