УАКС Алумни на месецот – Ангела Младеноска (Angie M.)

УАКС Алумни на месецот – Ангела Младеноска (Angie M.)

Ангела, Вие стоите зад брендот Angie M. За каков бренд се работи и каква е Вашата улога во тоа?

Angie M. е уникатен, софистициран и модерен бренд кој создава свој моден печат, стремејќи се да стане еден од водечките брендови на домашно и светско ниво. Главниот фокус на брендот Angie M. е рачната изработка на костими за капење, облека за на плажа и спортска облека. Јас сум основач на брендот, а моите обврски кон Angie M. се во секој сегмент од бизнисот, од давање на првичната идеја за тоа како ќе изгледаат моделите за колекциите, до организација, реализација и презентација на самите колекции, како и учество во процесот на продажба. Мисијата на Angie M. е да направи секоја жена да се чувствува самоуверено и исполнето, истакнувајќи ја нејзината убавина преку деликатните материјали и внимателно позиционираните кроеви.

Вие сте едни од ретките што ја искористивте креативно Ковид-кризата и токму тогаш го почнавте својот бизнис. Како одеше целиот процес, што Ве поттикна на ваков чекор?

По долг период исполнет со истражување, планирање, како и разработка на идејата, таа дојде до конечна реализација. Идејата беше целосно јасна во мојата глава, почнав сѐ да ставам на хартија и полека да ја составувам стратегијата и дизајнот за брендот Angie M. Идејата за основањето на овој бренд и креирање на костими за капење и облека за на плажа настана уште пред три години, кога посакав да си купам некој уникатен модел на костим за капење кој ќе биде поразличен од останатите, во кој ќе се почувствувам женствено, привлечно и модерно. Таков модел не успеав да пронајдам. Бев во комуникација со неколку странски компании кои се занимават со тексил и шиење на модели по нарачка со кои сакав да започнам соработка на подолг период. Но во меѓувреме, настана еден прекрасен пресврт каде се случи соработката со познатиот македонски дизајнер Занов за неговата тогаш, најнова колекција, за која бев заштитно лице. Од самиот почеток се забележа таа негова посветеност, професионалност и љубов кон она што го работи. Од тој момент започна сѐ… Му ги објаснив моите идеи, модели, замисли, а тој веднаш ме разбра што е она што сакам да се постигне со брендот Angie M. Веднаш се фативме за работа. ​Желбата, ентузијазмот и новите предвизици ни ги отворија хоризонтите за заедничка соработка без многу размислување. Но, таа соработка не застанува таму. Веќе започнуваме пополека и со подготовка на следната пролет/лето колекција. Очекуваме оваа линија да достигне уште поголем успех и да внесе нова димензија во модерниот свет на понежниот пол.

Кои знаења и вештини сметате дека се најважни за да се создаде и работи еден успешен бренд?

Пред да се започне со работа и градење на еден бренд пред се потребно е да се има желба, ентузијазам и внатрешна мотивација. Истражувањето на пазарот, конкурекцијата и следењето на трендовите се едни од клучните вештини за реализација на една бизнис идеја. Голема одговорност, посветеност, труд, толеранција, спосoбност за добра организација, менаџирање со време и менаџирање на обврските се уште едни од факторите и знаењата за работа на еден успешен бренд. Голема предност за градење на еден бренд е пронаоѓањето на правилниот тим за соработка, добрата синергија и професионалноста во истиот. Креативноста, маркетингот и користењето на онлајн алатките се важен елемент за континуиран раст на Angie M.  Долгодишното искуство во маркетингот значително ми ја олесни реализацијата за креирање на мојот бренд. Најважно е добро да ја одредите и да ја пратите вашата таргет група затоа што таа знае да го препознава тоа и да го процени, со тоа што ќе ви даде позитивен/негативен фидбек, а тоа вас ќе ве мотивира да бидете уште подобри и да реализирате уште поголеми цели.

Како Вашето образование и дипломата од УАКС Ви помогна да се подготвите за создавање бизнис и да се соочите со секојдневните предизвици?

Мојата најдобра одлука беше запишувањето на УАКС. Професиoналната посветеност на професорите спрема своите студенти, пренесувањето на нивното знаење и работно искуство, е голем придонес за почеток за реализација на еден успешен проект/идеја. Големиот број на предавања на лица од различни бизнис области, работата на реални проекти, пренесеното теоретско знaење доста ми помогнаа во градењето на брендот Аngie M. Како практикант на дел од неколку практикантски програми ми овозможи поубаво да ја видам сликата за тоа како всушност работи една компанија. Ден денес знам да ги прелистам маркетинг проектите кои што сме ги работеле додека студирав и да ми дадат некои нови идеи за подобрување на бизнисот. Се чувствувам горда како УАКС алумни што ги стекнав потребните занења/вештини и денес во време со големи предизвици и неизвесности да се справам соодветно со нив и понатаму да продолжам да чекорам кон зацртаните цели и замисли.