|

АРХИТЕКТУРА НА ИДНИНАТА: ХРАБРОСТ, ИНОВАТИВНОСТ И НАДМИНУВАЊЕ ПРЕДИЗВИЦИ

Зухејра Османи и Манушаче Бектеши, магистрантки на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС и добитнички на Втора награда на меѓународниот студентски архитектонски конкурс Инспирели

 

Честитки за наградата. Какво е чувството да се пласирате толку високо на еден ваков реномиран конкурс?

ОСМАНИ: Самото најавување дека ќе учествуваме на овој натпревар за нас беше голем предизвик. Тоа значеше дека треба да работиме и да се концентрираме многу. Самата помисла дека се натпреваруваме со архитекти од целиот свет не правеше возбудени, но дека ќе добиеме 2 место, тоа не можевме да го замислиме. Кога го слушнавме жирито не можевме да веруваме што се случува. Многу сум радосна. Горда сум што успеавме да го направиме проектот. Чувството е необјасниво. Тие се ретки моменти каде што радоста, среќата, гордоста се собираат во еден момент. Самата помисла дека од 180 проекти сме избрани е момент каде го гледаш успехот на долга и мачна работа. А тоа значи дека секогаш, напорната работа на крај ќе се награди.

БЕКТЕШИ: Ви благодарам многу! Секоја победа има моќ да нѐ направи да се чувствуваме среќни, горди и воодушевени. Освоеното 2 место на еден толку важен светски натпревар ми даде мотивација и ми ја зголеми самодовербата. Тоа е признание за добро завршената работа, сомнежот во себе и напорната работа што ја вложивме. Секако човекот никогаш не е задоволен и бара сѐ повеќе и повеќе, но, без сомнение, ова ќе биде нешто со што ќе се гордееме и мислам дека ќе ни отвори нови патишта и секако ќе продолжуваме со работа.

Со каков проект учествувавте и какви беа вашите концепти?

БЕКТЕШИ: Целта на натпреварот беше да се добијат идеи за репрезентативен центар на СТУ во Братислава. Требаше да го вклучи иновативниот научен центар СТУ, да биде образовен, социјален, повеќенаменски простор, како и да има и простори за одмор. Тоа го направивме и ние. Проектот има две фази: зачување на постоечкиот објект, значи реконструкција на лабораторијата и проектирање на новиот објект кој го нарековме „Платформа плус“. Тоа е нова зграда која се поврзува со постоечката лабораторија. Беше неопходно да се зајакне постојната врска со главни јавни простори на факултетските згради, особено кај приземјето. Дворот се користи за дружење, каде што имаме амфитеатарски скали, воден простор за релаксација, простори за седење и сл. Лабораторијата содржи строга програма, а „Платформа плус“ содржи програма за послободна работа, и ги исполнува потребите на студентите. Бидејќи зеленилото даде атракција кон местото, мислевме дека со црвената боја ќе се добие контрастот помеѓу овие бои и местото ќе стане уште попривлечно.

ОСМАНИ: Проектот со кој учествувавме беше да направиме студентски центар за универзитетите околу нас. Нашиот главен концепт беше да ги направиме сите плус простори потребни за студентите, затоа е дури и наречен „Платформа плус“. Сакавме да биде отворено, релаксирачко, забавно место за студентите, професорите и другите, додавајќи нова зграда до постоечката лабораторија и поврзувајќи ги едни со други. Сето тоа е подигнато во висина за да остави зелени места и отворени простори за собирање и дружење. Што се однесува до постоечката лабораторија сакавме сѐ повеќе и повеќе отворени простори, но сепак секој со своја приватност. Најинтересно е што дури и ја додадовме „црвената“ боја на проектот за да ја дадеме таа контрастна боја на сите зелени места што ги правевме, тоа се врските, терасите и вертикалните комуникации. И на крајот  кога ќе ја погледнете зградата ќе видите просветлена, отворена, атрактивна зграда.

 

Што е најважно при дизајнирање образовен објект, според вас?

ОСМАНИ: При дизајнирање образовен објект како најважни фактори се атрактивноста на објектот, во смисла да изгледа привлечно за студентите со разновидни бои, со главна цел создавање релаксирана и убава атмосфера. Другиот фактор е светлината. Овој фактор игра голема улога во концентрацијата на студентите. Потребна е адекватна светлина во зависност од намената на просторот. Овие фактори го прават објектот да има комодитет и студентите да имаат волја и инспирација за учење.

БЕКТЕШИ: Образовните објекти не треба да бидат магацини во кои учениците се депонираат по неколку часа дневно. Најважно при дизајнирање на образовен објект е да се знае што му е потребно на студентот, затоа што таму поминува подолго време од денот и всушност тоа е нивниот дом во кој треба да се чувствува удобно и да има услови за учењe, во место каде што околината инспирира учење. Образовните објекти треба да функционираат и да ги елиминираат предизвиците како што се тесните простори, недостатокот на природна светлина и лошата акустика. Тие треба да се однесуваат на нивната околна заедница, секоја од нив да нуди свој уникатен сет на предизвици и можности.

 

 

Како ја гледате архитектурата во иднина, во која насока очекувате да се развива?

БЕКТЕШИ: Човештвото во моментов се соочува со големи закани, вклучувајќи ги климатските промени и ограничените природни ресурси. Архитектите мора да ги преземат овие предизвици и да дојдат до подобри решенија. Еден начин е преку одржлива архитектура. Друг начин се идните градови. Тие се паметни градови и функционираат како еден екосистем управуван од big data. Ако зборуваме за нови алатки и техники, вештачката интелигенција, роботиката, 3D печатењето, big data и виртуелната реалност се само дел од новите алатки на кои архитектите можат да сметаат за да го променат начинот на кој размислуваат, дизајнираат и градат градови на иднината.

ОСМАНИ: Архитектурата, како и секоја професија, постојано се унапредува. Сведоци сме на грандиозни проекти кои во себе ги содржат сите услови за работа или живеење. Мислам дека архитектурата ќе се развие уште повеќе во насока на голема удобност, футуристички објекти, подобро искористување на просторот, што повеќе зелен простор, што помалку штетни емисии итн.

Кои се вашите професионални планови за иднина?

ОСМАНИ: За иднина мислам дека треба да се усовршам без престанок. Ни треба практична работа како што беше овој натпревар. Треба да ја искористиме секоја можност за правење проекти каде што ќе се научиме да го внесеме она што е важно за идните времиња како зелен простор и што помалку трошење на енергија. Исто така, како да се искористи просторот и како да се направат објектите поекономични и поудобни за живот и работа.

БЕКТЕШИ: Секако дека ќе работам напорно на перфекционизмот на добро дизајнирање, создавање прекрасни згради. По завршувањето мислам да пробам многу работи. Малку подоцна ќе работам напорно за да создадам профитабилна фирма која би се рангирала високо меѓу архитектите на мојата земја, па и низ целиот свет, зошто да не. Инспирели навистина ми даде мотив и желба да ме запознаат низ светот за она што го создавам.

 

Similar Posts