|

ГЛАСАА СТУДЕНТИТЕ НА УАКС – ТРАМП ИЗБРАН ПОВТОРНО ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД

По повод претседателските избори во САД, Факултетот за политички науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје традиционално, по четврти пат, организира специјален настан и симулација на гласање.

Денеска, на 29 октомври, се одржа вебинар со г. Ерик Елиот, претставник на Амбасадата на САД во Скопје, РС Македонија, кој го претстави американскиот изборен модел и спецификите на претседателските избори во 2020 година. Студентите од УАКС имаа можност да поставуваат прашања, а како дел од вебинарот, се организира и симулација на гласање.

Според резултатите од студентското гласање на УАКС, Доналд Трамп е повторно избран за претседател на САД.

Дали ваквиот исход ќе се совпадне со резултатите од гласањето на американските граѓани, останува да се види по 3 ноември, денот на претседателските избори во САД. Според досегашното искуство, изборот на студентите на Универзитет Американ Колеџ Скопје секогаш се совпаѓал со конечниот исход, поточно – студентите на УАКС три пати го имаат погодено резултатот на претседателските избори во САД, со изборот на Барак Обама во првиот и вториот мандат, како и со изборот на Доналд Трамп во првиот мандат.

 

Similar Posts