Доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски е добитник на државната награда „Мајка Тереза“ за 2017 година
Во Свечената сала на Собранието на Република Македонија, на 26 август 2017, со почеток во 12:00 часот, се одржа свечената церемонија по повод врачувањето на државната награда „Мајка Тереза“ за 2017 година.
Државната награда „Мајка Тереза“, традиционално, секоја година се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, ги врачи признанијата на овогодинешните добитници: г-дин Миливоје Јанковски и доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски, проректор за настава, професор и заменик-директор на Универзитет Американ Колеџ Скопје.
Во своето обраќање на свечената церемонија, претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, проф. д-р Марко Китевски истакна дека добрината треба да ја слават сите, па така и ние треба да ја славиме големата Мајка Тереза, која направи безброј хумани дела.
Потоа, г-дин Китевски свечено им ја врачи државната награда „Мајка Тереза“ за 2017 година на овогодинешните добитници.
Во име на двајцата добитници на ова значајно државно признание, г-дин Миливоје Јанковски се заблагодари за укажаната чест и подари три рози, како симбол за вера, надеж и љубов.
Добитничката на наградата, доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски е особено почестена за добивање на ова високо признание, кое во голем дел, е заслуга и на студентите и на вработените на Универзитет Американ Колеџ Скопје, кои несебично го дадоа својот придонес во организација и реализација на хуманитарните активности и проекти. Во насока на продолжување на нејзината хумана дејност, која не запира со добивање на оваа награда, таа ќе ја посвети истата за пружање помош и обезбедување на подобри услови за живот, образование и егзистенција на немоќните, сиромашните, болните, социјално загрозените семејства, солидарност и почитување на различностите на народите.
„Ова е само еден поттик, мотивација и понатаму да продолжиме со нашите хуманитарни активности и да помагаме на сите загрозени семејства“, изјави доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски.
Листата на хуманитарни активности, кои се дел од корпоративно општествено одговорните практики на Универзитет Американ Колеџ Скопје, во периодот на 12-годишнината од неговото постоење, можете да ја најдете на следниот линк.