Заштита на „свиркачи“
На 6 ноември 2017 година, во Американското катче во Скопје, студенти од Факултетот за политички науки при УАКС кои го слушаат предметот административно право и јавна администрација кај доц. д-р Наталија Шикова, присуствуваа на предавањето на тема „Закон за заштита на ’свиркачи’ и граѓанското општество”. Предавањето го одржа Том Дивајн, правен директор на проектот за отчет на владата, од Вашингтон, САД. Господинот Дивајн има триесетгодишно искуство во областа, работејќи на повеќе од 5000 случаи за заштита на „свиркачи“ кои откриле случаи на злоупотреба на владина моќ и со тоа направиле значајни општествени промени. Студентите се запознаа со меѓународните искуства на злоупотреба на власта поврзани со отстранување нуклеарен отпад, употреба на наркотици, планирани настани за одвлекување на јавното мислење со цел прикривање корупција, општествената реакција во однос на нив, како и со улогата на медиумите и граѓанското општество во откривањето на вистината, а посебно со значењето на „свиркачите“ и нивната улога во спречување на корупцијата, заштита на општото добро и на јавниот интерес. Настанот беше организиран од Институтот за стратешко истражување и образование, во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија.