Промоција на книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“ од амбасадорот доц. д-р Данчо Марковски

Денеска, Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), во соработка со Министерството за надворешни работи и Дипломатскиот Клуб – Скопје ја организираа промоцијата на книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“ од амбасадорот доц. д-р Данчо Марковски.

Промоцијата се одржа во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи. Промотори беа проф. д-р Иван Додовски, декан на Факултетот за политички науки при УАКС, ополномоштениот министер во МНР Сашко Тодоровски и Н. Е. Данијела Баришиќ, амбасадор на Република Хрватска.

Универзитетот Американ колеџ Скопје неодамна ја издаде книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“ од амбасадорот доц. д-р Данчо Марковски, дипломат од кариера на Министерството за надворешни работи.

Оваа обемна публикација е единствена од ваков вид на македонски јазик. Книгата содржи историски и теоретски, како и практичен дел, со повеќе од 50 примери на дипломатска кореспонденција, глосар на дипломатски термини и други прилози. На едно место и прегледно, со практични примери, овој прирачник ги објаснува најзначајните функции и алатки на државниот протокол како неопходна димензија во професионалната работа на владините министерства и органи, како и на сите други државни служби, локални институции и организации.

– Како се подготвуваат и организираат работни средби, посети, прием или други настани со странски и домашни партнерски институции?
– Кои права, обврски и имунитети ги имаат официјалните претставници?
– Како да се избегнат гафови во пресеансот и церемонијалот?
– Каква етикеција и терминологија се користи во меѓусебното обраќање?
– Како треба да изгледаат различните видови кореспонденција – писма, ноти, покани, меморандуми или лични обраќања?
– Каков бонтон се применува во различни контексти?

Одговор на овие и на многу други прашања со кои неизбежно се соочуваат сите професионални службеници од државните институции и организации е даден во книгата на амбасадорот Марковски. Прирачникот е неопходен токму заради избегнување на грешки што можат да го нарушат имиџот на институција и на државата,како и соработката со други странски и домашни партнери. Ова е прв систематизиран пресек на стандардизиран државен протокол за нашата земја.

Биографија на авторот

Д-р Данчо Марковски е дипломат од кариера, кој службувал во амбасадите во Либија, Турција, Шведска, Кина, Хрватска, а во моментот е амбасадор вршител на работите во македонската амбасада во Албанија. Се занимава со теорија од областа на меѓународната политика, меѓународните односи, дипломатското и конзуларното право. Автор е на книгите „Дипломатија, организација и практика“, „Consular service organization and practice” и „Современи дипломатски методи и нивната примена во македонската дипломатија“. Гостувал како предавач на катедрите по меѓународна политика и меѓународни односи на правните факултети во Загреб и Скопје, како и на дипломатски курсеви на Хрватската дипломатска академија и македонското Министерство за надворешни работи. Избран е за доцент на Унивезитетот Американ колеџ Скопје. Од 2015 до 2017 година бил претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје. Носител е на државно одликување на Република Хрватска – „Редот на Кнез Бранимир со огрлица“. Добитник е на Награда за животно дело „Гемиџии“ за 2017 година на Општина Велес.

Similar Posts