Професор д-р Дита Старова Ќерими е добитник на наградата “13 Ноември”

Професорката на Факултетот за Архитектура и Дизајн при УАКС и Директор на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими е добитник на наградата “13 Ноември”. Таа наградата ја добива за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

Старова Ќерими во изминатите години е професор на Факултетот за Архитектура и Дизајн при УАКС, а веќе и 4 години е директор на Националната галерија на Македонија. Како професор е омилена помеѓу студентите, а како Директор во нејзин период се организираа бројни изложби, проекти во сферата на едукација на најмладите и ранливите категории, како и значајни зафати во заштитата на сите објекти кои се во владение на Институцијата, а пред се двата кои се споменици на културата со посебна заштита, Даут пашиниот амам и Чифте амамот.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Similar Posts