Работилница за наставници од средните училишта се одржа во рамки на УАКС
На 6 мај 2017 година, УАКС беше домаќин на натпреварот по англиски јазик, наменет за учениците од втора и трета година од државните средни училишта. Натпреварот традиционално го организира Асоцијацијата на наставници по англиски јазик во Македонија (English Language Teachers’ Association of Macedonia – ELTAM).
Додека учениците ги полагаа тестовите по англиски јазик, нивните наставници-ментори имаа можност да проследат работилница организирана од УАКС и одржана од страна на м-р Марија Петковска, поранешен студент на постдипломски студии на Факултетот за странски јазици при УАКС.
Работилницата беше насловена „Употреба на мултимедијална технологија за време на наставата по англиски јазик“, и истата беше дел од магистерскиот труд на м-р Петковска. Таа успешно го обрани својот магистерски труд во март 2017 година, под менторство на деканот на Факултетот за странски јазици, вон. проф. д-р Марјана Ванева.