Студентите на ФДЕИОН при УАКС во посета на маркетинг агенцијата „Њу момент“
На 21 февруари (вторник) 2017 година, студентите на Факултетот за деловна економија и организациони науки при УАКС, кои следат настава по предметот маркетинг со предметниот наставник вон. проф. д-р Илијана Петровска, беа во посета на рекламната агенција „Њу момент“ во Скопје. Преку посета на различни сектори и водење дискусија со различен профил на вработени во агенцијата, студентите имаа единствена можност да стекнат повеќе знаења за начинот на работа на рекламната агенција.
Извршниот директор на рекламната агенција „Њу момент“, д-р Јелена Ивановиќ, ги презентираше надлежностите на агенцијата. Воедно, таа ги претстави победничките рекламни кампањи на фестивалот во Кан (Canned Titanium Award 2016), како и многу други успешни проекти.
Студентите на УАКС се потсетија на најдобрите кампањи, меѓу кои се онаа за двете религии, наградената рекламна кампања за мобилниот оператор „Космофон“ и многу други кампањи.