Тиквеш – лулка на квалитетно вино
На 6 декември 2016 година, Факултетот за деловна економија и организациони науки (ФДЕИОН) при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, беше домаќин на гостин-предавач на тема: „Потреба за иновации во производи и важноста на пласманот во винската индустрија“. Настанот беше организиран од шефот на катедрата по маркетинг, вон. проф. д-р Илијана Петровска.
Предавањето беше наменето за маркетинг студентите на додипломски студии на ФДЕИОН.
Директорот за комуникација на „ВВ Тиквеш АД“, г-ѓа Елена Младеновска-Јеленковиќ ги презентираше најважните маркетинг микс елементи на компанијата кога станува збор за производството на вино: дистрибуција и производ.
Што се однесува до производството, г-ѓа Младеновска-Јеленковиќ ги информираше присутните дека Винарската визба „Тиквеш“ произведува повеќе од 50 видови на вино, како и други производи, односно 12 милиони шишиња на годишно ниво. Причината за широкиот спектар на вина е поради тоа што ВВ „Тиквеш“ има за цел да опфати повеќе сегменти од пазарот. За секој сегмент има посебна понуда со посебен квалитет и цена. Почетната цена на вината е 300 денари, а истата може да достигне и до 1.100 денари. Разликата во цената воедно се должи и на разновидноста во процесот на селекција, како и на различните методи на производство.
Уште еден интересен факт кој го привлече вниманието на студентите е тоа што, вината на Тиквеш може да се најдат и во Мишелин рестораните со 3* насекаде во светот. Во однос на методите на дистрибуција, од големо значење е локацијата, односно каде виното се извезува. Кога станува збор за меѓународните пазари, ВВ „Тиквеш“ има свои агенти на секој пазар, додека на домашниот пазар, се користи различен систем за секој препродавач. Главната мрежа, односно најголемите супермаркети, се најзначајни, па поради тоа, Тиквеш има свои дистрибутери кои го доставуваат виното кај нив, додека пак во баровите, рестораните и на локалните пазари, виното се дистрибуира преку посредници.
Најважно, ВВ „Тиквеш“ верува и се фокусира на образованието на своите вработени (сомелиери) за сопствените производи. Тука спаѓаат и келнерите кои ги служат вината на ВВ „Тиквеш“. Исто како и сомелиерите, и тие имаат за цел да го познаваат составот на виното, да знаат со која храна да го препорачаат секој вид на вино, но и да можат лесно да го понудат и продадат на пазарот.
На крајот, сите студенти беа поканети во винарската визба Тиквеш, за што ќе се организира посета за најдобрите маркетинг студенти на УАКС напролет.