УАКС АЛУМНИ НА МЕСЕЦОТ – МАРИЈА НЕШИЌ
Честитки за објавената книга! Ретки се писателите на УАКС, но нивните успеси се навистина значајни. Како се случи да запловиш во книжевни води?
Благодарам, оваа што сега ќе излезе е веќе втора книга. Првата „Ако заспијам, разбуди ме“ излезе во 2018 г. Пишувањето отсекогаш било моја пасија и моја комфорна зона, има нешто во гените, нешто во дарбата за пишување. Отсекогаш посакував да излезе некое мое дело и читателите да ме почувствуваат преку страниците. Така и се случи, и сега со многу возбуда сум во исчекување да излезе и втората книга „Оксана“, во издание на Полица.
Како се пронајде себе си на ФДЕИОН, а како пак потоа со пишувањето? Дали можеби нешто од наученото на студиите ти помогна или те инспирира да се преориентираш?
Одлуката да студирам и да се надградувам на ФДЕИОН беше одлична можност и патокоз да се пронајдам себеси. Во тие студентски денови сѐ уште не знаев што сакам да бидам кога ќе пораснам и времето поминато на факултет ми помогна да донесам правилни одлуки и да знам што најдобро да одберам за себе. Инаку, работам во успешна компанија, по струката во која дипломирав, но пишувањето ми е прва љубов и некако успевам да најдам баланс, и сепак креативноста да ја пренесам на сите полиња во животот.
Кои се твоите техники за будење и развој на креативноста? Имаш ли некаков совет за идните автори?
Техниките се создаваат со текот на времето, со упорност и со многу работа. За да се поткрене креативноста потребно е да се има многу имагинација, да се верува во себе и с да се прави со многу љубов. Секогаш ја гледам позитивната страна на животот и така на креативноста и дозволувам да кулминира. На идните автори би им кажала да веруваат во себе и да се борат до крај за тоа што вистински го сакаат, а потоа да гледаат како работите сами се случуваат и како желбите се остваруваат.
Денес, бизнис вештините се од голема предност за креативците, посебно од аспект на маркетинг. Како се одвива овој процес кај тебе?
Бизнис вештините и тоа како ми помагаат на сите полиња, не само професионално. Начинот на кој комуницирам, на кој се изразувам, е заслуга на вештините кои се учат со текот на времето. Можам да препознаам квалитет и да направам споредба, за да
можам да го препознаам подоброто за себе. Соработките и врските кои ги градам заедно со креативноста и упорноста прават една компактна целина.