УАКС одржа втора предновогодишна хуманитарна аукција на уметнички дела
На 18 декември 2018 година, во Сити Хол центарот во Скопје, беше одржана предновогодишна хуманитарна аукција на уметнички дела, која Универзитет Американ колеџ Скопје ја организира втора последователна година.
За разлика од традиционалните корпоративни предновогодишни прослави, и поттикнати од организациската култура, која ги негува вредностите како заедништво, солидарност и хуманост, УАКС ја организира забавата за своите вработени во духот на хуманоста.
На хуманитарната аукција беа изложени за продажба уметнички дела изработени и донирани од страна на реномирани македонски уметници: Адем Сулејмановски, Ивана Настески, Решат Ахмети, Страхил Петровски, Роберт Јанкуловски, Тони Шулајковски, Трајче Чатмов, Жанета Гелевска Велјаноска-Жани, Росица Лазеска, Владимир Темков, Павле Кузмановски, Гоце Божурски, Александра Петкова-Геанели, Емил Шулајковски, Дијана Томиќ-Радевска, Стефан Јакимовски, Влатко Тасевски-Каре, Влатко Величковски, Дита Старова, Сузана Сотировска, Шќипе Мехмети, Зарије Амдиу, Невзат Бејтули-Кица, Милан Андов, Г. Јовановски, Симеон Ничев, Никола Смилков, Слободан Милошески, Маја Танева, Васко Костов и Мирослав Масин.
Би сакале јавно да им се заблагодариме на сите горенаведени уметници, без чиј што несебичен придонес и поддршка немаше да биде овозможена оваа аукција.
Модератор на аукцијата беше г-ца Лила Филиповска, нашето најпознато лице од малите екрани и голем поддржувач на хуманитарните активности.
Благодарение на пријателите и гостите од компаниите-членки на Деловниот совет на Универзитетот, кои учествуваа во наддавањето на уметничките дела, беа продадени вкупно 32 уметнички дела и беа собрани финансиски средства во износ од 463.000 денари. Целта на аукцијата беше да се соберат парични средства, кои што УАКС ќе ги намени за набавка на апарати за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, Оддел за трансплантација на матични хематопоетски клетки, а со цел лекување на пациентите, подобрување на условите за работа на вработените на Клиниката и заедничко создавање на подобро општество за идните генерации.
Воедно, особено сме горди на студентите од ФДЕИОН, кои освоија трето место на меѓународниот натпревар за бизнис симулација CESIM, и ги донираа средствата од наградата, во вредност од $200, во знак на поддршка на целта на овогодишната хуманитарна аукција.
УАКС упатува огромна благодарност до лицата и компаниите-членки на Деловниот совет, кои придонесоа за успехот на оваа аукција.
Овој настан беше поддржан од нашите долгогодишни соработници: Винарска визба „Тиквеш“, Гемак трејд и Сити Хол центар.