УАКС со презентација на истражувачки труд во Народна Банка
На 20 септември 2019 година во Народната банка се одржа 34. сесија на Клубот на истражувачите, на која по поздравното обраќање на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска беше презентиран истражувачкиот труд „Детерминанти на (не)активноста на жените на пазарот на труд во Западен Балкан: Компаративен преглед на медитерански земји со земји од Југоисточна Европа“ од Марија Андонова и Никица Мојсоска-Блажевски.
Во презентираниот труд, Андонова и Мојсоска-Блажески имаат за цел да ги испитаат детерминантите коишто влијаат врз активноста на жените на пазарот. Притоа, посебен акцент е ставен на оцена на ефектот на културниот контекст врз одлуката на жената дали ќе учествува на пазарот на труд или не. Впрочем, согледбите на Андонова и Мојсоска-Блажевски за влијанието на културата на средината врз одлуката на жената за нејзиното учество на пазарот на труд се клучниот придонес којшто тие преку ова истражување го даваат за стручната литература. Методологијата на истражувањето од коешто произлегува трудот се заснова на претходно истражување на Данте Контрерас и Гонсало Пласа, од 2010 година. Особено значајно е што Андонова и Мојсоска-Блажевски даваат и компаративен преглед во кој се земени предвид неколку земји од Југоисточна Европа, меѓу кои е и Северна Македонија, како и земји од Медитеранот.
Презентирајќи го трудот во име на двете авторки, Андонова особено се осврна на резултатите коишто според нивните согледби покажуваат дека културниот контекст во кој жената ја носи својата одлука за учество на пазарот на труд е важна детерминанта за тоа каква одлука таа ќе донесе. Според оцените на Андонова и Мојсоска-Блажевски, сознанието за влијанието на културниот контекст врз одлуката на жената за нејзината деловна (не)активност е важно за создавање обезбедување на државната помош, како и за осмислување на стратегијата за промоција на активноста на жената на пазарот на труд.
Изнесените видувања и заклучоци во презентацијата кај присутните на сесијата поттикнаа дискусија за повеќе прашања поврзани со темата на трудот, којашто не е многу обработувана во нашата средина. Притоа, меѓу другото беше истакнато дека вакви истражувања на теми коишто се важни, а не многу присутни во домашната истражувачка активност, секогаш е добро да бидат презентирани пред стручната фела.
Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во декември годинава.