УАКС споделува празнична радост со децата од Дневниот центар за деца на улица
Како што се наближува крајот на годината, УАКС ги насочува сите свои активности и претпразничниот дух кон возвраќање на општеството. Пред една седмица, УАКС ја одржа Предновогодишната хуманитарна аукција на уметнички дела, со цел да собере потребни средства за набавка на апарати за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија во Скопје. Она што многумина не го знаат, е тоа што, за време на овој настан, не беше организирана само хуманитарна аукција, туку и предновогодишна забава за академскиот и административниот кадар на Универзитетот. Влезница на настанот беше детско новогодишно пакетче. Сите донирани пакетчиња беа наменети да им донесат радост на децата од маргинализираните категории.
Оттаму, денес, студентите и вработените од УАКС, беа во посета на Дневниот центар за деца на улица во населбата Автокоманда. Овој центар, води грижа за децата од една од најзагрозените социјални категории, т.н. „фантом деца“, кои инаку, најверојатно би го поминале денот барајќи милостина на улиците. Вработените и волонтерите од Дневниот центар ги земаат децата во утринските часови, и потоа, го поминуваат целиот ден со нив, овозможувајќи им пристап до образование, игри, забава, и најважно од се – оброк и облека.
Овие прекрасни деца со нетрпение ги пречекаа своите гости, на кои им приредија божиќна претстава и рецитал. Потоа, тие играа и разговараа со нашите вработени и студенти, и конечно ги отворија новогодишните пакетчиња.
УАКС се заблагодарува на целиот академски и административен кадар кој донираше новогодишни пакетчиња, и на оние кои беа во посета на Дневниот центар за деца на улица. Особено сме почестени на фактот што се уште постојат добри луѓе кои работат со овие деца, и кои го вложуваат својот труд во менувањето на нивниот поглед на животот.