Универзитет Американ Колеџ Скопје со свој Start Up натпревар во рамките на Глобалната недела на претприемништво
Како дел од Глобалната недела на претприемништво, Универзитет Американ Колеџ Скопје го организира својот Start Up натпревар. Под наслов IdeaMakers Challenge – Driving Digital Innovation, овој натпревар почна денеска, 19 ноември и трае до 22 ноември, со финална презентација на 27 ноември.
IdeaMakers предизвикот на УАКС има за цел да ја поттикне креативноста кај младите и да го разбуди нивниот претприемнички порив. Предизвикот ќе се одвива во две насоки, од кои едната опфаќа идеи на тема корпоративна иновација и нови бизниси, а другата насока се посветува на тема социјална иновација. Принципот на работа е во интердисциплинарни групи од 2 до 5 студенти, секој од различен факултет од УАКС, и задачата е да се препознае и да се реши проблем. Притоа, основен услов е идеите да бидат базирани на технологија, односно да се работи на дигитална иновација. Како ментори, во овој натпревар се јавуваат професори, претставници од индустријата и искусни претприемачи, чија цел е да ги водат тимовите во сите фази од развојот на идејата, преку работата на проектот, па сѐ до крајната презентација на идејата пред панел од индустриски експерти. Посветен на развој на нови идеи, будење на претприемничкиот дух кај младите и креирање општествени иновации, Универзитетот Американ Колеџ Скопје продолжува да создава услови и можности за младите да го покажат и надградат своето знаење, вештини и способности.
Настанот е дел од глобалната иницијатива Global Entrepreneurship Week, прослава на иноватори и креатори на работни места во повеќе од 170 земји низ светот, со 15.000 партнерски организации што ги промовираат стартапите кои што остваруваат идеи, поттикнуваат економски развој и ја зајакнуваат човековата добросостојба. Настанот е поддржан и од Startup Macedonia.