Успешно одржана хуманитарна аукција на УАКС
На 12 декември 2017 година, во Сити хол центарот во Скопје, Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) одржа предновогодишна хуманитарна аукција на уметнички дела.
Поттикнати од организациската култура на УАКС која ги негува вредностите како заедништво, солидарност и хуманост, оваа година, Универзитетот реши да ја организира предновогодишната забава во духот на хуманоста.
На хуманитарната аукција се продаваа уметнички дела изработени и донирани од професорите, студентите, административниот кадар и пријателите на УАКС, кои се покажаа како навистина талентирани уметници.
Модератор на аукцијата беше нашата позната водителка, а воедно и голем филантроп, Лила Стојановска, којашто на крајот од настанот беше изненадена од стана на УАКС со подарок карикатура од неа и нејзиниот пријател, а воедно голем хуманист, Боки 13.
Благодарение на пријателите на УАКС и гостите членки на Деловниот совет кои учествуваа во наддавањето за уметничките дела, беа продадени вкупно 33 слики и се собраа финансиски средства во износ од вкупно 172.000,00 денари.
Целта на аукцијата беше и всушност да се обезбеди токму овој износ на средства за да се набави лабораториска центрифуга за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести во Скопје. Оваа центрифуга има широк спектар на употреба како медицински апарат и истата ќе придонесе кон навременото и ажурно дијагностицирање.
УАКС упатува особена благодарност до лицата и компаниите членки на Деловниот Совет на УАКС кои придонесоа за успехот на оваа аукција а меѓу нив се најдоа истакнати компании како што се: Адора инженеринг, Гемак, Метрополис радио, Сити хол центар, Пакомак, Глобал импакт, Енергон фасилити, РСМ интернационал, Семос груп, Мармакс груп скопје, Тиквеш АД Скопје и др.