Промоција на книгата „ Светската трговска организација и Република Македонија“ проф. д-р Марко Андонов и м-р Љубомир Раденков

Промоција на книгата „ Светската трговска организација и Република Македонија“

од проф. д-р Марко Андонов и м-р Љубомир Раденков

– издание на Универзитетот Американ Колеџ Скопје

 

Скопје, 21 јануари 2019 година –  На Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) се одржа промоција на ново издание – книга „Светската трговска организација и Република Македонија“ од проф. д-р Марко Андонов и м-р Љубомир Раденков.

За книгата ќе зборуваше рецензентот и промоторот: проф. д-р Томе Неновски, ректор на Универзит Американ Колеџ Скопје (УАКС).

Во предговорот, авторите појаснуваат:

Еден од основните мотиви за да се пристапи кон подготовка на оваа книга, беше потребата од запознавање на пошироката стручна и академска јавност за делувањето на Светската трговска организација како регулатор на меѓународните трговски текови, со посебен акцент на влијанието што го има во националните регулативи, вклучително и врз нашето домашно законодавство.

Во оваа книга, во основа се обработени базични прашања и правни институти од областа на меѓународната трговија. Се разбира, акцент е ставен и на домашната регулатива, односно на соодветна разработка на повеќето законски и подзаконски акти кои се во директна корелација со трговијата. На овој начин, заинтересираната стручна и академска јавност ќе биде во можност да се запознае со правниот инструментариум од доменот на прометот на стоки и услуги на светско ниво. Едновремено, до извесна мера, ќе може да се утврди и степенот на усогласеност на македонската регулатива со праксата и нормативите на Светската трговска организација.

Изразуваме надеж дека овој труд ќе наиде на интерес не само од стручната јавност, туку дека истиот ќе биде земен во предвид и од страна на универзитетите, при што истиот би можел да биде предвиден и како дополнителна литература на повеќе предмети од областа на правните и економските науки, со што истиот би добил и посебна специфична тежина.

Веројатно е дека предметнава книга, не е лишена од извесни слабости. Се надеваме дека ќе се создаде простор за нејзино подобрување. Во оваа смисла, со внимание и благодарност ќе бидат примени и разгледани сите конструктивни забелешки и сугестии кои ќе доведат до подобрување и збогатување на содржината на овој труд.

 Рецензентот на книгата, проф. д-р Томе Неновски меѓудругото, истакнува:

Академското искуство на проф. Андонов и младешкиот научен ентузијазам на магистер Раденков создадоа дело кое повеќедимензионално ја нагласува потребата од засилување на влијанието на Светската трговска организација за надминување на пречките во реализирањето на меѓународната трговија и динамизирањето на националните економии и на светската економија во целина.“

проф. д-р Томе Неновски

Марко Андонов е доктор на правни науки од областа на деловното право. Негов потесен предмет на интерес се правото на трговските друштва, правото на хартии од вредност, како и трудово-правната проблематика. Во октомври 2009 година е избран во наставно-научно звање – доцент на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Во месец септември 2013 година е избран за декан на истиот факултет, каде што е реизбран во месец октомври 2018 година. Од јули 2014 година е избран во наставно-научно звање – вонреден професор. д-р Марко Андонов има учествувано во подготовка на повеќе подзаконски акти кои прозлегуваат од Законот за хартии од вредност, а бил и член на работната група за изготвување на Законот за инвестициски фондови, како и на предлог законите од областа на пазарот на капитал. Автор е на повеќе од 50 стручни и научни трудови, објавени во релевантни меѓународни списанија. Во моментот е член е и на органи на управување на две акционерски друштва.Помеѓу другите академски и професионални активности, назначен е за координатор на модулот по трговско право во Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија за слушатели од почетната и континуираната обука, и е член на уредувачкиот одбор на списанието “Правник“.

 

Љубомир Раденков е магистер по правни науки од областа на деловното право. Работното искуство опфаќа работа на правни работи во банкарскиот и осигурителниот сектор, во областа на присилното извршување и соработник во консултантски активности и проекти од областа на деловното право. Се јавува како коавтор на неколку труда од областа на деловното право.

Similar Posts