IN MEMORIAM: Проф. д-р ЗЛАТ МИЛОВАНОВИЌ

IN MEMORIAM: Проф. д-р ЗЛАТ МИЛОВАНОВИЌ

Проф. д-р Злат Миловановиќ, професор хонорис кауза и поранешен проректор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) почина на 26 март 2020 година, во САД.

Злат Миловановиќ докторира во областа на меѓународните односи на Универзитетот Темпл во САД. Претходно тој магистрира во областа на европските студии и докторира во областа на јавното право и политологијата на Универзитетот во Нанси, Франција. Од 2007 година Злат Миловановиќ предаваше меѓународно и европско право, споредбена политика и европски интеграции на додипломските и постдипломските студии на Факултетот за политички науки при УАКС, како и деловна етика на Факултетот за деловна економија, организациони науки и менаџмент на УАКС.

Злат Миловановиќ беше проректор за меѓународна соработка и развој на УАКС од 2007 до 2012 година. Како член на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Наставно-научниот совет на Факултетот за политички науки и на други тела, тој се залагаше за интернационализација на нашиот Универзитет и помогна да се унапреди соработката со универзитети од различни делови на светот. Исто така, тој беше член на тимови што работеа на добивање меѓународни акредитации за УАКС, меѓу кои и американската акредитација од ACBSP. Цели 15 години тој беше член на програмскиот комитет на Годишната меѓународна конференција за европски интеграции на УАКС. Тој беше и предлагач на мотото на нашиот Универзитет: Ad destinatum persequor!

На 22 август 2012 година, Универзитетскиот сенат на УАКС му ја додели на Злат Миловановиќ титулата professor honoris causa за исклучителен придонес кон развојот на Универзитетот.

Проф. д-р Злат Миловановиќ беше посветен пријател на Македонија: граѓанин на САД, но Македонец по срце. Неговите колеги и студенти високо ги ценат неговата интелектуална луцидност, смислата за хумор и пословичната љубезност. Пред сè, тој ќе остане запаметен по тоа што им го посвети својот живот на меѓународното право и пријателството меѓу сите луѓе. Бескрајно ќе им недостига на професорите и студентите од УАКС.

Им искажуваме сочувство на неговата сопруга, амбасадорката Џилиен Миловановиќ, и на неговите ќерки Александра и Ана.

* * *

Отворена е книга на жалост и сеќавање, која може да се потпише електронски, со испраќање на порака на provost.office@uacs.edu.mk

Со оглед на вонредната состојба во земјата, комеморативна седница на вработените на УАКС ќе се одржи онлајн, во вторник, 31 март 2020 година, со почеток во 15 часот, преку следниот линк.