Честитки за објавената книга! Ретки се писателите на УАКС, но нивните успеси се навистина значајни. Како се случи да запловиш во книжевни води?
Благодарам, оваа што сега ќе излезе е веќе втора книга. Првата „Ако заспијам, разбуди ме“ излезе во 2018 г. Пишувањето отсекогаш било моја пасија и моја комфорна зона, има нешто во гените, нешто во дарбата за пишување. Отсекогаш посакував да излезе некое мое дело и читателите да ме почувствуваат преку страниците. Така и се случи, и сега со многу возбуда сум во исчекување да излезе и втората книга „Оксана“, во издание на Полица.

Како се пронајде себе си на ФДЕИОН, а како пак потоа со пишувањето? Дали можеби нешто од наученото на студиите ти помогна или те инспирира да се преориентираш?
Одлуката да студирам и да се надградувам на ФДЕИОН беше одлична можност и патокоз да се пронајдам себеси. Во тие студентски денови сѐ уште не знаев што сакам да бидам кога ќе пораснам и времето поминато на факултет ми помогна да донесам правилни одлуки и да знам што најдобро да одберам за себе. Инаку, работам во успешна компанија, по струката во која дипломирав, но пишувањето ми е прва љубов и некако успевам да најдам баланс, и сепак креативноста да ја пренесам на сите полиња во животот.
Кои се твоите техники за будење и развој на креативноста? Имаш ли некаков совет за идните автори?
Техниките се создаваат со текот на времето, со упорност и со многу работа. За да се поткрене креативноста потребно е да се има многу имагинација, да се верува во себе и с да се прави со многу љубов. Секогаш ја гледам позитивната страна на животот и така на креативноста и дозволувам да кулминира. На идните автори би им кажала да веруваат во себе и да се борат до крај за тоа што вистински го сакаат, а потоа да гледаат како работите сами се случуваат и како желбите се остваруваат.

Денес, бизнис вештините се од голема предност за креативците, посебно од аспект на маркетинг. Како се одвива овој процес кај тебе?
Бизнис вештините и тоа како ми помагаат на сите полиња, не само професионално. Начинот на кој комуницирам, на кој се изразувам, е заслуга на вештините кои се учат со текот на времето. Можам да препознаам квалитет и да направам споредба, за да можам да го препознаам подоброто за себе. Соработките и врските кои ги градам заедно со креативноста и упорноста прават една компактна целина.