На денешен ден, 16 февруари 2018 година, претставници од УАКС присуствуваат на меѓународната конференција на високо ниво „Нова нормала? Глобална економска експанзија, динамика на инфлацијата, финансиска стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“. Конференцијата е во организација на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Комитетот за возобновување на Бретон Вудс (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) од Париз, Франција.
Од УАКС присуствуваа следните претставници: доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски, проректор за настава, вон. проф. д-р Марјан Петрески, проректор за научно-истражувачка работа и проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, наставник на Факултетот за деловна економија и организациони науки.
Фокусот на учесниците е насочен кон најновите трендови и предизвици во врска со монетарната политика, финансиската стабилност и управувањето со финансиските средства во целина.
Целта на Конференцијата е да се оценат тековната состојба и идните изгледи на глобалната економија, и во тој контекст, да се открие со кои предизвици се соочуваат централните банки при остварувањето на нивните цели за одржување на ценовната и на финансиската стабилност.
На конференцијата учествуваат претставници од централните банки, меѓународните финансиски институции, глобалните банки и домашните финансиски и инвестициски институции.