Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) во рамки на одбележувањето на 20 години од своето основање ја претстави иницијативата “Honoring Legacy”, долгорочна програма за стипендии која ги поврзува академијата и бизнис заедницата во заедничка мисија - да се инвестира во младите луѓе, во можностите за развој и во нивната иднина.
Во своето обраќање на свеченоста, Ректорката на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу, истакна дека вистинската сила на образованието е во неговата способност да менува животи и да создава подобро општество - „Иницијативата "Honoring Legacy" ги поврзува компаниите, институциите и универзитетот во заедничка мисија: да ја изградиме следната генерација на лидери, иноватори и визионери. Секоја стипендија што ќе биде доделена преку оваа програма е порака дека образованието е најсилниот двигател на општеството. “
Основачки партнери во програмата за стипендии се компаниите Fashion Group, Gulf Macedonia и Фондацијата Малиќи, кои преку своето учество во иницијативата покажаа дека вистинското лидерство е во поддршката на образованието и на младите луѓе.
Преку програмата, компаниите и институциите даваат поддршка на талентирани ученици и студенти на различни академски нивоа - од средно образование, па сѐ до магистерски и докторски студии - овозможувајќи им пристап до квалитетно образование и практични вештини потребни за успешна кариера. Иницијативата има за цел да овозможи пристап до современо и квалитетно образование за младите таленти, да поттикне развој на нови лидери и иноватори, да го зајакне човечкиот капитал во земјата, и да ја зголеми конкурентноста на македонската економија преку образовани кадри подготвени за реалниот пазар на труд.
„Кога младите добиваат шанса - тоа е победа за целото општество,“ додаде Ректорката Крлиу, повикувајќи ги компаниите во државата да се приклучат на иницијативата и да станат дел од визијата што ја претвора образованието во можност.
Покрај претставувањето на новата програма за стипендии, на свечениот настан беа доделени и UACS Recognition Awards, признанија со кои Универзитетот им оддаде чест на своите долгорочни партнери за нивниот придонес во образованието, иновациите и општествениот развој. Меѓу добитниците се амбасадите на САД, Италија, Шпанија, Австрија, Франција и Чешка Република, како и компаниите Pakomak, Makprogres Group, Halkbank, Gorska, Здружението на граѓани „Љубезност“ и Здружението за дислексија „Ајнштајн“.
Со оваа иницијатива, УАКС ја зацврстува својата улога како центар каде академијата, бизнисот и општеството се среќаваат со заедничка визија - да изградат посилна и поодржлива иднина за младите во земјата.