На 17 ноември 2026 година, на Универзитет Американ Колеџ Скопје, се одржа работилница за клучните чинители кои ќе имаат кориснички права и пристап до ГИС-платформата на Националниот парк Шар Планина, прва сеопфатна дигитална платформа за национален парк во Македонија. Наменета е за институциите, но и за посетителите на паркот и околните места.
Учесниците ги поздрави г-ѓа Македонка Димитрова, проектен тим лидер од УАКС. Во име на Министерството за животна средина и просторно планирање се обрати г. Сашко Јорданов, заменик-раководител на Секторот за природа. Г-ѓа Евгенија Јордановска Нечковски, технички консултант за биолошка разновидност и одржливо управување со земјиштето при УНЕП, ги претстави активностите на проектот во целина. Г. Алтин Идризи, проектен координатор во НП Шар Планина, зборуваше за целите на платформата, за нејзините корисници и за надлежностите во нејзиното користење.
Во практичниот дел, г. Васил Хаџи Јорданов, директор на Соларис Интелиџенс, ги запозна учесниците со функционалностите на платформата: корисничките профили, правата и привилегиите, како и внесувањето, ажурирањето и размената на податоци и документи. Работилницата заврши со дискусија за меѓуинституционалната соработка, каде беа вклучени и претставници од Општина Гостивар, Општина Тетово, ПК Љуботен, МЗШВ.
Работилницата е дел од ГЕФ 7 проектот „Зачувување на биолошката разновидност, одржливо управување со земјиштето и развој на одржлив туризам во Северна Македонија“. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и се спроведува преку Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), Канцеларија во Виена, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Реализатор на проектот е Универзитет Американ Колеџ Скопје.