Комеморативна седница во чест на проф. д- Нинко Костовски

Денеска со почеток во 10:00 часот, беше одржана комеморативна седница во чест на нашиот драг професор и пријател проф. д-р Нинко Костовски.

Во присуство на членовите на најблиското семејство, неговите најблиски колеги како и пријатели, ректорот одржа поздравен говор за овој прекрасен и голем човек кој прерано го напушти овој свет.

Веднаш по него се обратија неговиот добар пријател и колега проф. д-р Томе Неновски како и деканката на Факултетот за деловна економија и организациони науки проф. д-р Снежана Христова.

Прекрасните зборови, споделувањето на анегдоти и убави секавања од секојдневието ги навратија присутните на сите моменти кои тие ги беа поминале со овој навистина незаборавен и голем човек.

На самиот крај на седницата, книгата на жалост беше врачена на семејството на проф. Костовски.

Проф. д-р Нинко Костовски е роден на 26.11.1956 година, во Тетово. Своите додипломски и постдипломски студии ги завршил на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Својот докторат од областа на економските науки го стекнал на Економскиот институт на истоимениот универзитет. Како алумнус на престижниот Универзитет „Џорџтаун“ од Вашингтон, САД и Универзитет на Висконсин, САД, тој се стекнал со сертификати за предавање на теми од областа на менаџмент и финансии.

Проф. д-р Нинко Костовски e еден од првите академици во Македонија кој беше дел од Европската фондација за истражување на претприемништвото (ЕФЕР), како и алумнус на Харвард бизнис-школaта, преку која го пренесуваше партиципативниот метод на учење во наставниот процес. Неговата кариера во академската заедница започна во 2005 година, кога на седницата на Матичната комисија на 26.12.2005 година, беше избран за наставник на новооснованиот Факултет за деловна економија и организациони науки (ФДЕИОН). На конститутивната седница на Наставно-научниот совет на ФДЕИОН на 13.01.2006 година, беше избран за раководител на Катедрата менаџмент. Во периодот од 2006 – 2008 година, успешно ја извршуваше функцијата декан на Факултетот за деловна економија и организациони науки.

Негови области на академски и истражувачки интерес беа менаџмент и претприемништво, конкурентност и индустриски агломерации, проектен менаџмент, менаџмент на информациска технологија и информациски системи. За неговото животно дело и многубројните успеси говорат големиот број на научно-истражувачки трудови и книги.

Сепак, тој остави најголема трага врз животите на оние на кои најмногу им се посвети – на студентите, оние кои имаа можност да учат од голем човек со неповторлива смисла за хумор и неисцрпна ризница на знаење. Тој успеа да ги промени животите на своите колеги со неговото искуство, знаење и пред се неговата неповторлива харизма, и да остави неминовен траг на своите студенти кои имаа чест да бидат во училниците на овој прекрасен професор.

Нека почива во мир.

Similar Posts