КОИ СМЕ НИЕ

Факултетот за архитектура и дизајн (ФАД) на Универзитет Американ Колеџ Скопје е водечки факултет во нашата држава од областа на архитектурата, внатрешната архитектура, како и дизајнот. Со амбициозна и висококвалитетна настава, Факултетот има за цел да изгради професионалци способни да се соочат со предизвиците на архитектурата како исклучителен фактор во општеството и животот на човекот.

Посветен на врвна едукација на студентите, како и на негување високи естетски и општествени вредности, Факултетот за архитектура и дизајн се гордее со студентите, нивните успешни кариери и нивните дела.

 

КОИ СЕ НАШИТЕ ВРЕДНОСТИ

Студирањето архитектура и дизајн се смета за култен академски жанр, затоа што во себе содржи многу области, од уметност и култура, до математика и филозофија. Затоа, архитектурата е интересна и полна со предизвици.

Архитектонскиот простор не е само физички, туку и социјален, културен, но и уметнички. Кога се размислува за конструкцијата на зградата како безбедносен систем, се размислува и за ликовните компоненти на просторот, се размислува и за здрави материјали, како и за здрава и инспиративна средина. И секако, околината на архитектот е полна со предмети, луѓе, звуци, во една необична и несекојдневна атмосфера.

УАКС ФАД е базиран на англосаксонскиот модел, што значи проектантска насоченост. За разлика од тоа, другите факултети во земјата и регионот се базирани на германската архитектонска школа, која во основа има конструктивна насоченост.

 

НАШИОТ КАДАР

Академскиот кадар на ФАД при УАКС е балансирана комбинација на теориско и практично знаење, претставено преку истакнати професори, искусни архитекти и вешти проектанти.

Наставниците се врвни професионалци и истакнати архитекти кои континуирано го унапредуваат наставниот процес од теоретски и практичен аспект. Сите наставници и соработници се всушност ментори кои ги водат студентите низ образовниот процес. Нашите предавачи имаат уникатна комбинација на теоретско знаење, информации и референци, но и вистински архитектонски вештини.

 

НАШАТА ПРОГРАМА

Наставната програма ги подготвува студентите за нивна водечка улога во професијата која е во подем, особено во последната декада. Школата е структурирана во насоките архитектура, внатрешна архитектура и дизајн.

Програмата е дизајнирана за методолошко и практично едуцирање на студентите и нивно воведување во различни области. Во текот на предавањата, вежбите и другите едукативни содржини и уметности, се оформува интегралната слика за поимите архитектура и дизајн. Оттука, предметите опфаќаат области од архитектонското проектирање, проектирање ентериери, дизајн, уметничко изразување, теорија и историја на архитектурата, уметноста и дизајнот, графички комуникации, материјализација на просторот и заштита на животната средина.

Покрај задолжителните, во програмата се предвидени и голем број на изборни предмети, со кои се продлабочуваат знаењата во одредени специјализирани подрачја и сегменти на архитектурата, дизајнот и уметноста. Кон поуспешно совладување на студиската програма и воведување на студентите во нивната идна професионална работа, предвидена е и практична работа.

 

НАШАТА ФИЛОЗОФИЈА

Факултетот за архитектура и дизајн на УАКС е посветен на истражување на индивидуалните знаења и вештини кај студентите и нивно надградување, со цел да се овозможи секој студент да го оствари својот потенцијал и да го постигне својот максимум. Токму затоа, на ФАД предавањата и вежбите претставуваат сериозна интеракција и дискусија меѓу студентите и професорите, а искуството од таа размена е незаменливо. ФАД има над 25 наставници, соработници и експерти од пракса. Тие се посветени на постојана работа со своите студенти, преку вежби кои се одвиваат во групи од 10-15 студенти. Тоа значи дека секој студент добива посебно внимание од страна на наставниците, со цел да го развива својот талент и да ги надгради своите способности.

ФАД е единствен факултет во државата каде што на крајот од академската година се одржува годишна изложба. На неа се претставуваат најзначајните студентски достигнувања како резултат на реализацијата на наставната програма од тековната година. Оваа изложба е важна размена на искуства за студентите, а претставува и можност за нивна промоција и пред истакнати архитекти од земјата, како и пред целокупната јавност.

 

ДЕЛОВЕН СОВЕТ НА УАКС

Соработката со Деловниот совет на УАКС е клучен фактор за развојот на високопрофесионален кадар за реалните животни услови. Деловниот совет на УАКС е составен од над 150 водечки компании и организации од различни професионални сфери, меѓу другото и голем број архитектонски и проектантски студија, градежни компании, дизајн студија и институции посветени на културното наследство. Имајќи за цел усогласување на наставните програми со современите процеси и политики, Деловниот совет на УАКС е дополнителна можност за развој на кариерата на студентите од ФАД.

 

ОДГОВОРНОСТ КОН ЗАЕДНИЦАТА

Нашите програми се еднакво посветени и на негување социјална одговорност кај студентите, едуцирајќи ги да ја почитувааат заедницата во која живеат и да се однесувааат како одговорни членови на општеството. Имајќи го ова предвид, УАКС организира разновидни социјално одговорни настани и прoeкти, во кои студентите земаат активно учество.

 

СТРУЧНО И НАУЧНО ЗВАЊЕ ПО ДИПЛОМИРАЊЕ

По завршувањето на постдипломските студии, студентите се стекнуваат со едно од следните звања:

  • Магистер по архитектура и дизајн (ЕКТС 300)
  • Магистер по внатрешна архитектура и дизајн (ЕКТС 300)

 

ОЧЕКУВАНИ ЗНАЕЊА И СПОСОБНОСТИ ПО ДИПЛОМИРАЊЕ

 

Архитектура

  • Насоката архитектура обезбедува познавања на конструктивните, функционалните и обликуваните специфики на градбите и соодветно ниво на координација во рамки на архитектонското проектирање.
  • Студентите се стекнуваат со познавање за компонентите за дејствување во просторот, поделба на проблемите на функционални, конструктивни и обликувани, како и способност за одлука за одредени фази од нивниот дизајн.
  • Студентите имаат познавање од основните методи за дефинирање проектна програма. Ги разбираат потребите на идните корисници и ги проектираат врз конечниот производ (дизајн) со цел понуда на прозводот на пазарот со вредност.
  • Примена на стекнатите знаења и разбирање на стручните проблеми во подготвување на основните или други видови детални проекти или документација од сите домени на архитектонското проектирање, и нивна практична примена и реализација, ревизија и надзор.

 

Внатрешна aрхитектура

  • Насоката внатрешна архитектура ги обучува студентите за организација и обликување на внатрешноста на архитектонските објекти што директно влијае врз животот и работата на човекот.
  • Внатрешните простори се многу почесто предмет на промени предизвикани од могу чинители, со што оваа професија е секогаш актуелна и е во тек со промените што ги носи современиот начин на живот.
  • Студентите кои ќе ја изберат оваа насока имаат редуцирано оптоварување во конструктивните и урбанистичките предмети. За сметка на тоа, имаат поинтензивна обука од областа на ентериерот и дизајнот.

 

Дизајн

  • Студентите кои ќе ја изберат оваа насока се стекнуваат со знаења и вештини во областа на дизајнот.

 

*Универзитетот Американ Колеџ Скопје го задржува правото за измена на програмата

 

©2024 UACS, All Rights Reserved

Follow us