Потпишан договорот за двојна диплома со Универзитетот Тор Вергата од Рим

На 16 мај 2017 година, ректорот на Универзитет Американ Колеџ Скопје, проф. д-р Марјан Бојаџиев присуствуваше на официјалната церемонија по повод потпишување на договор за двојна диплома со Универзитетот Тор Вергата во Рим, Италија.
Програмата која е цел на овој договор е студиската програма за додипломски студии по Бизнис администрација и економија, чија што настава ќе се изведува на англиски јазик и ќе биде достапна на двата универзитети, а преку која, студентите ќе се стекнат со диплома од двете институции.
Церемонијата се одржа во грандиозната историска вила Мондрагоне со прекрасен поглед кон Рим, градот на светлината.
На церемонијата присусутвуваа државни функционери од двете земји, имено, Амбасадорот на Р. Македонија во Италија, Н.Е. Оливер Шамбовски, Амбасадорот на Р. Италија во Македонија, Н.Е. Карло Ромео, како и студенти, административен и академски кадар од двата универзитети.
Проф. Новели, ректорот на Универзитетот, проф. Триа, деканот на Факултетот за бизнис, како и проф. Гнан, главниот коодинатор на оваа програма, се покажаа како навистина прекрасни домаќини на настанот и направија атмосферата на официјалната церемонија да наликува на собир на стари пријатели.
Со потпишувањето на овој договор за двојна диплома меѓу УАКС и Универзитетот Тор Вергата од Рим како еден од 400-те највисоко рангирани универзитети според Шангајската листа, УАКС постанува првиот и единствен универзитет во Република Македонија кој остварува соработка со глобално ремониран универзитет, но воедно и единствен кој нуди програма со која студентите ќе се стекнат со не една, туку две меѓународно признати дипломи.
Ние сме горди што имаме партнери како што е Универзитетот Тор Вергата од Рим, и се радуваме на почетокот на оваа програма од септември во новата академска година.
Посакуваме успешна соработка и убава претстојна академска година!

Similar Posts