Бенџамин Перкс, Претставник на УНИЦЕФ во Р.С. Македонија – гостин предавач на УАКС

Студентите на УАКС Факултетот за политички науки и Катедрата по психологија во четврток 14 март 2019 имаа чест да присуствуваат на гостинското предавање на тема: „Новите научни сознанија за детскиот развој и нивното влијание врз креирањето политики. Професор д-р Иван Додовски, Декан на Факултетот за политички науки и Катедрата по психологија посака добредојде и го претстави гостинот предавач г-нот Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ и вршител на должноста постојан координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија.

Студентите на психологија кои ги следат предметите: Емоции и мотивација, Психолошко советување и психотерапија и Социјална психологија, кај доцент

д-р Димитринка Јорданова Пешевска имаа одлична можност да ја проследат презентацијата на г-нот Бенџамин Перкс. Тој истакна дека иднината на секое општество зависи од неговата способност да овозможи здравје и добросостојба за идните генерации. Г-нот Бенџамин Перкс спомена дека денешните деца се утрешните граѓани, работници и родители, и доколку ние не успееме да излеземе во пресрет на нивните потреби, преку создавање на солидна основа за здрав и продуктивен живот, ние ја ставаме нашата иднина, просперитетот и безбедноста под ризик. Раните искуства во животот, влијаат врз развојот на мозокот и за време на овие сензитивни периоди, здравиот емоционален и когнитивен развој се формира преку одговорните, значајни релации со возрасните. Од друга страна хроничната и екстремната изложеност на децата на негативни искуства на злоупотреба и занемарување , може да го попречат нормалниот развој на мозокот.

Спред г-нот Перкс при креирањето на политиките за раниот детски развој покрај образовните цели, научните сознанија покажуваат дека инвестицијата во интервенции за намалување на негативните искуства во детството претставуваат основа за физичкото и менталното здравје,  кое пак ќе даде свој придонес за добросостојбата на целото општество. 

Г-нот Бенџамин Перкс е претставник на УНИЦЕФ и вршител на должноста постојан координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија. Во двете функции тој се стреми за реформи кон целосно исполнување на меѓународните човекови права и за реализација на оддржливите развојни цели.

Во лично својство, тој е виш соработник во Јубилејниот центар на Универзитетот во Бирмингем, Обединетото Кралство, кој истражува и советува за образовни политики поврзани со развојот на карактерот, социјалните и емотивните вештини кај децата. Тој е и претседател на Регионалната советодавна група за насилство врз децата, која промовира реформи во поддршка на примарната заштита и превенција во 21 земја во Европа и Источна Азија. Претходно бил претставник на УНИЦЕФ во Црна Гора, а има служено и во Грузија, Косово, Авганистан, Индија и Албанија. Г-н Бенџамин Перкс има завршено постдипломски студии за меѓународни односи на Универзитетот во Кент во Кентербери и неодамна заврши програма за кариера на Факултетот за образование на Харвард, за лидерство и образовни реформи .

Similar Posts