УАКС учествуваше на Отворените денови на СУГС Гимназија „Орце Николов“ и СУГС Гимназија „Никола Карев“

На 15 март 2018 година, УАКС учествуваше на Отворените денови на СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје и СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Скопје.

За време на посетата на СУГС Гимназија „Орце Николов“, матурантите од ова средно училиште имаа можност да проследат предавање од вон. проф. д-р Димитар Ковачевски, наставник на Факултетот за деловна економија и организациони науки при УАКС. Тој зборуваше на тема маркетинг, притоа, претставувајќи им ги на учениците основите на маркетингот и главните принципи. Потоа, раководителот на службата за студентски прашања, Ива Миноска, ги презентираше условите и поволностите од студиите на Универзитетот, студиските програми, Отворениот ден на УАКС, итн., притоа давајќи им ги на потенцијалните студенти сите потребни информации.

Воедно, УАКС имаше свои претставници и на Отворениот ден на СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Скопје. В. д. деканот на Факултетот за деловна економија и организациони науки, доц. д-р Снежана Христова, заедно со шефот на кабинет на ректорот, м-р Александра Караџа, на заинтересираните матуранти им ги претставија поволностите од студиите на Универзитетот. Учениците од четврта година кои беа дел од оваа презентација, беа поттикнати да поставуваат прашања, и да ги добијат потребните информации за процесот на студии на УАКС и преку непосреден разговор, да го одберат вистинскиот универзитет за својот професионален и кариерен развој.

Универзитет Американ Колеџ Скопје ги реализираше своите презентации како дел од проектот „Училиштата на Градот Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми“, инициран од Градот Скопје.

Посетите на другите средни училишта во Скопје ќе продолжат и понатаму, и ќе се одвиваат до крајот на месец март 2018 година.

Similar Posts