Меморандум за соработка меѓу КОСТАЛ Македонија и Универзитет Американ Колеџ Скопје

На 12 март 2021 г. инжинеринг директорот на КОСТАЛ Македонија, г. Џејсон Енрајт и проф. д-р Марјан Бојаџиев, Провост на Универзитет Американ Колеџ Скопје, потпишаа Меморандум за соработка.

Имајќи за цел да ја официјализира взаемната заложба за унапредување на соработката, овој Меморандум ќе делува во доменот на усовршувањето професионален кадар од студентите на УАКС за потребите на компанијата КОСТАЛ Македонија, која преку своето технолошки напредно производство нуди реални можности за професионален раст, развој и усовршување на своите вработени, локално и меѓународнo.

На средбата која се одржа во просториите на Универзитет Американ Колеџ Скопје беше потпишан и договор за членство на КОСТАЛ Македонија во Деловниот Совет на УАКС, што отвора и дополнителни можности и услови за размена на искуства, знаења и едукација. Ова членство ја потврдува взаемната помош и поддршка помеѓу КОСТАЛ Македонија и Универзитетот преку можности за стипендирање, доделување школарини, научноистражувачка работа и взаемна експертска помош.

КОСТАЛ Македонија е компанија која бележи значителен раст дури и во услови на редуцирано производство и намалени приходи. Во 2020 г., во КОСТАЛ Македонија беа задржани постоечките вработувања и реализирани нови 322 вработувања, при што инвестициите надминаа износ од 14 милиони евра, a продажбите 51 милиони евра, што е зголемување од над 50% споредено со обемот на продажби за 2019 година. На планот на корпоративната општествена одговорност, КОСТАЛ Македонија е компанија активна во доменот на образованието на новите генерации, спроведено преку програмите за „Летна студентска пракса” и „Инженер на тренинг”, со кои им се дава шанса на тековните и штотуку дипломирани студенти од техничките науки да зачекорат по својот иден кариерен пат. КОСТАЛ Македонија планира дополнително да го зголеми бројот на вработени, од актуелните 860 на 1.050.  Дополнително непрекинатиот инвестициски циклус се очекува да продолжи и годинава со нови 31 милиони евра во напредна опрема и воведување на нови производни линии за Јагуар, Ланд Ровер и Ауди. Сето ова согласно последните финансиски предвидувања за 2021 година, ќе резултира со повеќе од двојно зголемување на обемот на продажби споредено со 2020 и достигнување на рекордно ниво од над 105 милиони евра до крајот на оваа година.

Similar Posts