Нов превод од проф. д-р Иван Додовски

Најновиот превод од англиски на македонски на д-р Иван Додовски, професор по критичка теорија и литература на УАКС, го објави Скопската православна епархија возглавена од архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан. Зборникот со наслов Ширење на срцето: „Бидете и вие широки“ (2 Коринтјаните 6: 13) во богословието на свети Силуан Атонски и на старец Софрониј од Есекс содржи низа извонредни предавања за природата и целта на човековото постоење, произнесени во Вичита, Канзас, на свештеничкиот собир на Антиохиската Православна Црква во Америка во 2001 година. Авторот д-р Захариј Захару е архимандрит на Патријаршискиот ставропигијален манастир „Св. Јован Крстител“ во Есекс, Англија (под јурисдикција на Вселенската патријаршија) и еден од најпознатите светски богослови и монашки водачи на современото православие. Д-р Захариј Захару студирал теологија на Институтот Св. Сергеј во Париз, како и на Универзитетот во Солун, каде што и докторирал. Во мај 2011 година, на д-р Захариј Захару му беше доделен почесен докторат од Православната богословската семинарија „Св. Тихон“ во САД, како признание за неговиот исклучителен придонес кон духовниот живот на Црквата во Америка.

Similar Posts