УАКС е добитник на Национална награда во 2018 година за најдобра општествено одговорна практика

Универзитет Американ Колеџ Скопје е добитник на плакета и сертификат за Национална награда во 2018 година за најдобра општествено одговорна практика за проектот „Хуманитарна аукција на уметнички дела“ во категоријата „Вложување во заедницата“ кај мали и средни претпријатија.

Настанот по повод 11-то доделување на Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2018 година, се одржа денес, 28 ноември 2018 година, во просториите на Клубот на пратеници, во организација на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија на Република Македонија.

Плакетата за општествена одговорност ѝ беше свечено врачена на доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски, главен оперативен директор и проректор за настава на УАКС, од страна на министерот за економија, г. Kreshnik Bekteshi.

Оваа година, УАКС учествуваше во отворениот конкурс за доделување на Национална награда за општествено одговорни практики со проектот „Хуманитарна аукција на уметнички дела“. Се работи за бројни уметнички дела изработени од наставници, студенти, вработени и пријатели на Универзитетот, кои беа изложени за наддавање (аукција) пред потенцијални аукционери. Средствата од аукцијата беа наменети за обезбедување на лабораториска центрифуга – еден од неопходните апарати за брз и ефективен третман на пациентите, подобрување на условите за работа на вработените и здравствените услуги на сите оддели при ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести во Скопје.

Ова специјално признание, односно, плакета за општествена одговорност, УАКС го смета како поттик за понатамошно работење во насока на обезбедување на подобри услови во општествената заедница и поттикнување на општествено одговорно работење кај македонските компании.

Националната награда се доделува единаесет последователни години, а нејзиното организирање е поддржано од Министерството за економија на Република Македонија.

Similar Posts