Вон. проф. д-р Марјана Ванева одржа презентација на Универзитетот Кембриџ

Вон. проф. д-р Марјана Ванева, декан на Факултетот за странски јазици при УАКС, учествуваше на конференцијата на Британската асоцијација за словенски и источноевропски студии (БАСЕЕС), која се одржа во просториите на Колеџот „Фицвилијам“ и Колеџот „Черчил“ при Универзитетот Кембриџ, Велика Британија во периодот од 31 март до 2 април 2017 година.

Оваа годишна конференција е поделена во неколку делови, чии што трудови истражуваат прашања поврзани со словенски и источноевропски студии. Како член на асоцијацијата, д-р Ванева беше активно вклучена во серија на јазични и лингвистички активности, притоа извршувајќи три улоги: претседавач, делегат/презентер и нешто што е ново и за првпат се нуди во програмата, јазичен тутор.

На 31 март 2017 година, на Колеџот „Фицвилијам“ при Универзитетот Кембриџ, таа претседаваше со јазичната/лингвистичката сесија, и го презентираше својот труд насловен „Велејќи „Не“ на англискиот јазик: Македонците и нивната негација“.

Овој труд е дел од истражувањето, кое д-р Ванева заеднички го спроведува со професор од Универзитетот Кил, а за време на кое беа анализирани негативните изрази на луѓето чиј мајчин јазик е македонскиот. Целокупниот корпус на истражувањето се состои од негацијата која ја употребуваат говорниците чиј мајчин јазик е англискиот и негацијата која ја употребуваат говорниците чиј мајчин јазик е од неанглиско подрачје.

Токму на оваа конференција на Универзитетот Кембриџ, за првпат беа презентирани првите резулати од овој труд.

Similar Posts